Ден: д.м.г

Летен камп:Eco Guardians 2026.

Од 13 до 19 август 2026 година, Извидничкиот центар Охрид беше место за учење, дружење, авантура и стекнување нови вештини за 90 деца од руралните делови на Македонија. Благодарение на поддршката од нашите пријатели од Alliance One, кои го препознаа извидништвото како алатка за учење, развој и активно вклучување на децата и младите, беше реализиран едукативниот камп Eco Guardians 2026. Кампот беше наменет за деца кои претходно не биле дел од извидничкото движење, а за голем дел од нив ова беше и прво вакво искуство – една недела помината во природа, далеку од секојдневната рутина, исполнета со нови предизвици, активности и пријателства. На Eco Guardians учествуваа 90 деца и 9 наставници од 9 различни училишта, од Кривогаштани, Долнени, Ропотово, Лажани, Обршани, Добрушево, Чашка, Подареш и Конче. Станува збор за средини во кои извидништвото не е доволно присутно, поради што кампот беше можност учесниците одблиску да се запознаат со извидничкиот начин на работа, вредностите на движењето и можностите што ги нуди неформалното образование. Главната цел на кампот беше децата да стекнат практични знаења поврзани со заштитата на животната средина, одговорниот престој во природа и развојот на животни вештини, користејќи го извидничкиот метод и принципот „учење преку работа“. Во текот на седумте дена, програмата комбинираше едукативни, спортски, авантуристички и тимски активности. Учесниците работеа на развивање на тимска работа, комуникација, одговорност, самостојност, снаодливост и решавање проблеми, а истовремено учеа како правилно и безбедно да се однесуваат во природна средина. Едукативните компоненти на кампот опфатија теми поврзани со заштита на природата, правила за одговорно однесување во природа, безбедност при престој и активности на отворено, биодиверзитет, селекција на отпад и рециклирање, грижа за водата и шумите, како и значењето на личната и заедничката одговорност кон животната средина. Наместо содржините да бидат обработени само теоретски, тие беа пренесени на интерактивен и практичен начин – преку кратки презентации, квизови, демонстрации, симулации, тимски натпревари, практични задачи, игри и извиднички активности. На овој начин децата имаа можност стекнатото знаење веднаш да го применат во пракса, полесно да ги разберат новите концепти и истовремено да развиваат вештини што ќе можат да ги користат и по завршувањето на кампот. Особено значаен дел од програмата беше престојот и учењето на отворено. Преку различни предизвици и активности, учесниците учеа како да соработуваат, да носат заеднички одлуки, да преземаат одговорност за себе и за тимот и да се снаоѓаат во нови ситуации. Токму преку ваквите искуства извидништвото им овозможува на младите да учат преку сопствено искуство, а не само преку слушање и набљудување. Eco Guardians беше и можност за децата од различни населени места да се запознаат и да поминат една недела како дел од една заедничка група. За многумина тоа значеше прв камп, прво подолго самостојно престојување надвор од домот, нови пријателства и можност да откријат дека можат да направат многу повеќе отколку што претходно мислеле. Ваквите програми уште еднаш ја покажуваат важноста на неформалното образование и улогата што извидништвото може да ја има во развојот на децата и младите. Преку комбинација на образование, практична работа, игра и живот во природа, децата не само што стекнуваат нови знаења, туку развиваат самодоверба, иницијативност, одговорност и чувство на припадност кон заедницата. За Сојузот на извидници на Македонија, особено е важно ваквите можности да стигнат и до деца од средини во кои извидничкото движење сè уште не е доволно присутно. На тој начин, повеќе деца добиваат пристап до квалитетни едукативни искуства, можност да поминуваат време во природа и простор во кој можат да учат, да се развиваат и активно да учествуваат. Благодарни сме на Alliance One за поддршката и за инвестирањето во програми кои создаваат конкретни можности за развој на децата и младите. Благодарение на оваа соработка, 90 деца си заминаа од Извидничкиот центар Охрид со нови знаења и вештини, нови пријателства, поголема самодоверба и искуства што ќе ги паметат уште долго.

Летен извиднички камп 2026: Смотра исполнета со вештини, другарство и авантура

Од 6 до 12 јули 2026 година, во Извидничкиот центар Охрид се одржа Летниот извиднички камп на Сојузот на извидници на Македонија. Под симболичката рамка „Смотра на СИМ“, кампот обедини вкупно 132 извидници, водачи, волонтери и членови на организацискиот тим, меѓу кои и 13 извидници од Белгија. На кампот учествуваа девет извиднички одреди од различни градови во Македонија. Во текот на седумте дена, учесниците беа поделени во пет подкампови составени од извидници од различни одреди. Преку заедничката работа тие имаа можност подобро да се запознаат, да создадат нови пријателства и да го развиваат тимскиот дух. Главниот дел од програмата беше организиран како „Смотра блок“, во кој учесниците ротираа низ различни практични активности. Тие учеа да врзуваат јазли и да изработуваат кампски конструкции, поставуваа бивак, резбаа, правеа сирење и ги совладуваа основите на кајакарењето и безбедното однесување на вода. Програмата беше дополнета со изработка на сплавови од рециклирани материјали, водени игри, тимски предизвици и авантурата „Mission Impossible – Mini Scavenger Hunt“ низ улиците на Охрид. Преку овие активности учесниците ја развиваа својата креативност, снаодливост, комуникација и способност за заедничко решавање задачи. Вечерите беа исполнети со талент-шоу, „Just Dance“, песни, игри и традиционален логорски оган. Посебна вредност на кампот му дадоа волонтерите од Белгија, кои преку своите активности придонесоа за културна размена и меѓународна извидничка дружба. Кампот заврши со свечено затворање, доделување вештарства и благодарници, заедничка фотографија и многу нови спомени. Уште едно извидничко лето поминато во природа, учење преку практична работа, авантура и другарство.

ШКОЛА ЗА ВОДАЧИ 2026

Сојуз на извидници на Македонија од 13 до 19 август 2026 година ја одржа Школата за водачи 2026 во Извидничкиот дом во с. Голозинци, Велес. Во текот на седум интензивни дена, младите извидници се подготвуваа да ја преземат улогата на водачи на патроли и јата во своите одреди, според тренинг-рамката на СИМ. Учеа лидерски вештини, извидничкиот метод, тимска работа и активности во природа. 15учесници 8одреди 9обучувачи 7дена камп ШЗВ 2026 низ бројки 15 учесници од 8 одреди: ИПО Јадран, Скопје ИПО Крсте Јон, Струга ИО Феникс, Прилеп ИО Методи Митевски Брицо, Скопје ИО Мирко Милески, Кичево ИО Димитар Влахов, Велес Прв скопски извиднички одред, Скопје ИО Гоце Делчев, Свети Николе 9 обучувачи 7 дена камп во Голозинци Програма со вистинска вредност Секој ден почнуваше со утринска гимнастика и отворање на денот, а завршуваше со евалуација и вечерна програма. Уште првиот ден учесниците беа поделени во патроли. Секоја патрола си создаде свои симболи: име, извик, песна и знаме. Меѓу сесиите имаше доволно простор за практична работа, па учесниците веднаш го применуваа наученото. Програмата ги опфати темите: извидничкиот метод; сликата на еден водач: карактеристики, улога и видови лидери; младинската програма „Компас“ и карактеристиките на развигорците и извидниците; безбедност во извидништвото (Safe from Harm), одговорност и решавање конфликти во патролата; комуникациски вештини: водачот во однос со децата, родителите, старешинството, СИМ и другите одреди; подготовка на состанок, методи на презентација и алатки (EDGE и други); WOSM, СИМ и структурата на одредите и раководството; униформираност, обележја, химна, завет и принцип; основи на ориентација и однесување во природа; планирање: подготовка на месечен и тримесечен план; духовност. Врв на кампот беше дводневниот хајк. Таму патролите самостојно го применија наученото за ориентација и однесување во природа. Школата заврши на 19 август со евалуација и свечено затворање. Школата не завршува тука Школата за водачи има и втор, практичен дел. Во рок од три месеци по кампот, секој учесник треба да организира најмалку два состаноци за развигорци и/или извидници во својот матичен одред. Учесниците што успешно ќе ги завршат двата дела ќе добијат сертификат за водач од Сојуз на извидници на Македонија. Благодарност Им благодариме на тимот обучувачи за посветената работа, на одредите што ги испратија своите членови и, пред сè, на учесниците за енергијата и желбата да учат. Честитки на сите 15 идни водачи и среќно со првите состаноци во вашите одреди!