Летен извиднички камп 2026: Смотра исполнета со вештини, другарство и авантура

Од 6 до 12 јули 2026 година, во Извидничкиот центар Охрид се одржа Летниот извиднички камп на Сојузот на извидници на Македонија. Под симболичката рамка „Смотра на СИМ“, кампот обедини вкупно 132 извидници, водачи, волонтери и членови на организацискиот тим, меѓу кои и 13 извидници од Белгија. На кампот учествуваа девет извиднички одреди од различни градови во Македонија. Во текот на седумте дена, учесниците беа поделени во пет подкампови составени од извидници од различни одреди. Преку заедничката работа тие имаа можност подобро да се запознаат, да создадат нови пријателства и да го развиваат тимскиот дух. Главниот дел од програмата беше организиран како „Смотра блок“, во кој учесниците ротираа низ различни практични активности. Тие учеа да врзуваат јазли и да изработуваат кампски конструкции, поставуваа бивак, резбаа, правеа сирење и ги совладуваа основите на кајакарењето и безбедното однесување на вода. Програмата беше дополнета со изработка на сплавови од рециклирани материјали, водени игри, тимски предизвици и авантурата „Mission Impossible – Mini Scavenger Hunt“ низ улиците на Охрид. Преку овие активности учесниците ја развиваа својата креативност, снаодливост, комуникација и способност за заедничко решавање задачи. Вечерите беа исполнети со талент-шоу, „Just Dance“, песни, игри и традиционален логорски оган. Посебна вредност на кампот му дадоа волонтерите од Белгија, кои преку своите активности придонесоа за културна размена и меѓународна извидничка дружба. Кампот заврши со свечено затворање, доделување вештарства и благодарници, заедничка фотографија и многу нови спомени. Уште едно извидничко лето поминато во природа, учење преку практична работа, авантура и другарство.