Февруари е месецот кога извидниците ширум светот организираат активности и акции во чест на Денот на извидниците – 22 февруари, роденденот на основачот на извидништвото, Лорд Роберт Баден-Пауел. Во Македонија, секој извиднички одред го одбележува овој значаен ден на различен начин, додека Сојузот на Извидници на Македонија традиционално го слави преку три главни активности: Централна прослава, ноќен хајк „Осветли ја планината“ и крводарителска акција.
Ноќен хајк „Осветли ја планината“

Традиционалниот ноќен хајк се одржа на 15 февруари 2025 година, привлекувајќи повеќе од 30 извидници од одредите во Скопје, Штип и Свети Николе. Поаѓајќи од Основното училиште „Кочо Рацин“, учесниците се движеа по козји патеки сè до врвот на Водно.
И покрај студеното време и намалената видливост, атмосферата беше исклучително позитивна. По пристигнувањето на врвот, извидниците се собраа во планинарскиот дом, каде што имаа можност да се загреат, да се дружат и да разменат искуства. По неколку часови поминати во добра атмосфера, учесниците се вратија назад, успешно заокружувајќи уште едно издание на овој традиционален настан.
Централна прослава на Денот на извидниците

Овогодинешниот домаќин на Централната прослава беше Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе. Настанот се одржа на градскиот плоштад во Свети Николе, каде што се собраа 450 извидници од 14 извиднички одреди од целата држава.
Централната прослава започна со церемонијален дел, кој вклучуваше свечено отварање и полагање на завет, со што повеќе од 200 нови извидници станаа официјални членови на извидничкото движење и ги добија своите први извиднички марами.
Покрај церемонијалниот дел, учесниците имаа можност да се вклучат во различни интерактивни активности, како што се тимски игри, извиднички вештини и едукативни сесии насочени кон личен и колективен развој. Настанот претставуваше одлична можност за размена на искуства меѓу извидниците од различни одреди, поттикнувајќи соработка, другарство и заеднички дух.
Крводарителска акција

Извидниците во текот на месец февруари, во 7 градови ширум нашата држава, организираа крводарителски акции, во име на светскиот ден на извидниците – роденденот на основачот на извидничкото движење.Притоа, извидниците, пријателите на извидниците и подржувачите на извидниците, во Скопје, Велес, Куманово, Крива Паланка, Штип, Кичево и Прилеп, во соработка со локалните клубови на Црвен Крст, донираа повеќе од 200 крвни единици.

Иницијатива „направи добро дело“
Во иницијативата „направи добро дело“ овој Февруари се вклучија повеќе од 650 извидници од 12 одреди ширум 8 градови и враќаа кон заедницата преку низа на активности. Извидниците се вклучија во активности како чистење и уредување на јавни простори, засадување дрвја, помагање на постари лица, донирање книги и облека, како и организирање едукативни работилници за деца и младинци. Меѓу останатите иницијатива имаше и иницијатива за совесен возач, која се фокусираше на подигање на свеста за безбедност во сообраќајот

Тие, преку своите дела, покажаа дека малите гестови на добрина можат да имаат големо влијание врз заедницата. Со заеднички сили, овие млади волонтери не само што придонесоа за почиста и поубава средина, туку и инспирираа други граѓани да се приклучат кон иницијативата.
Иницијативата „Направи добро дело“ продолжува да се шири, носејќи позитивни промени и градејќи посилно чувство на заедништво меѓу луѓето.

Со овие активности, Сојуз на Извидници на Македонија и неговите одреди продолжуваат да ја негуваат традицијата, инспирирајќи нови генерации на млади лидери и промовирајќи ги вредностите на извидништвото низ целата држава. За овие иницијативи добивме подршка преку проектот SYSPUC, подржан од Erasmus+. Проектот се фокусира на раст и градење на капацитетите на СИМ и извидничките организации во Црна Гора и Албанија.

