На свеченоста организирана по повод Меѓународниот ден на младите – 12 август, во уникатниот амбиент на Сули Ан во Скопје, беше доделена овогодинешната Награда за младинско учество, која за 2024 година им припадна на Сојуз на извидници на Македонија – најголемата младинска организација во земјата. Наградата ја додели Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Сојуз на извидници на Макеоднија ја доби оваа престижна награда во категоријата младински организации, организации за млади и чадор младински организации, како признание за посветената работа и импактот остварен преку низа успешни активности во 2024 година.
Признание за посветеноста, одржливоста и влијанието врз младите
Наградата за младинско учество има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите и организациите кои активно се вклучуваат во решавање на општествени прашања, демонстрираат јасна визија, креативност, и постигнуваат мерливи резултати. Овогодинешниот избор е силна потврда за влијанието што извидништвото го има врз младинското учество, социјалната кохезија, и изградбата на заедници засновани на вредности, одговорност и лидерство.
Од името на Сојуз на извидници на Македонија, наградата ја примија старешината Миќо Стојановски и генералната секретарка Снежана Јанковиќ, која во своето обраќање изрази благодарност до сите кои го препознаа трудот на организацијата:
„Во име на сите извидници – млади, посветени и активни граѓани на нашето општество, од срце се заблагодаруваме на Министерството, Националниот младински совет, Мисијата на ОБСЕ и целиот младински сектор. Ова признание ни дава дополнителен поттик да продолжиме уште поенергично да ја водиме младинската промена.“
Потврда на континуитет и квалитет
Ова е втора Награда за младинско учество што ја добива Сојуз на извидници на Македонија – првата беше доделена за 2017 година, што ја потврдува долгорочната посветеност на организацијата во креирање на можности за младите и поддршка на нивниот активизам, едукација и личен развој. Во 2024 година, активностите на СИМ вклучуваа локални и национални акции, меѓународни партнерства, инклузивни програми и активности за зачувување на природата, кои директно придонесуваат за општествени промени.
Повеќе за Наградата за младинско учество
Наградата се доделува во три категории: индивидуална (млади на возраст 15–29 години), за неформални групи на млади (најмалку 3 члена) и за младински организации. Овогодинешниот повик беше отворен за сите кои реализирале активности на територијата на Северна Македонија во периодот јуни 2023 – мај 2025 година. Секоја добитничка иницијатива доби и финансиска поддршка, во случајот на младинските организации – 3.000 евра.
Наградите беа свечено доделени од Министерот за млади Фатмир Лимани, и Енрика Вида, шефица на Канцеларијата за политички прашања и комуникации на Мисијата на ОБСЕ.
Младите се двигатели на промените
Ова признание е уште една потврда дека кога младите се поддржани, организирани и охрабрени, тие можат да бидат вистински двигатели на позитивни промени. Сојузот на извидници на Македонија ќе продолжи да гради простори за младински развој, лидерство и инклузија, со визија за поодржливо, правично и активистичко општество.