Сојуз на извидници на Македонија од 13 до 19 август 2026 година ја одржа Школата за водачи 2026 во Извидничкиот дом во с. Голозинци, Велес. Во текот на седум интензивни дена, младите извидници се подготвуваа да ја преземат улогата на водачи на патроли и јата во своите одреди, според тренинг-рамката на СИМ. Учеа лидерски вештини, извидничкиот метод, тимска работа и активности во природа.
ШЗВ 2026 низ бројки
- 15 учесници од 8 одреди:
- ИПО Јадран, Скопје
- ИПО Крсте Јон, Струга
- ИО Феникс, Прилеп
- ИО Методи Митевски Брицо, Скопје
- ИО Мирко Милески, Кичево
- ИО Димитар Влахов, Велес
- Прв скопски извиднички одред, Скопје
- ИО Гоце Делчев, Свети Николе
- 9 обучувачи
- 7 дена камп во Голозинци
Програма со вистинска вредност
Секој ден почнуваше со утринска гимнастика и отворање на денот, а завршуваше со евалуација и вечерна програма. Уште првиот ден учесниците беа поделени во патроли. Секоја патрола си создаде свои симболи: име, извик, песна и знаме. Меѓу сесиите имаше доволно простор за практична работа, па учесниците веднаш го применуваа наученото.
Програмата ги опфати темите:
- извидничкиот метод;
- сликата на еден водач: карактеристики, улога и видови лидери;
- младинската програма „Компас“ и карактеристиките на развигорците и извидниците;
- безбедност во извидништвото (Safe from Harm), одговорност и решавање конфликти во патролата;
- комуникациски вештини: водачот во однос со децата, родителите, старешинството, СИМ и другите одреди;
- подготовка на состанок, методи на презентација и алатки (EDGE и други);
- WOSM, СИМ и структурата на одредите и раководството;
- униформираност, обележја, химна, завет и принцип;
- основи на ориентација и однесување во природа;
- планирање: подготовка на месечен и тримесечен план;
- духовност.
Врв на кампот беше дводневниот хајк. Таму патролите самостојно го применија наученото за ориентација и однесување во природа. Школата заврши на 19 август со евалуација и свечено затворање.
Школата не завршува тука
Школата за водачи има и втор, практичен дел. Во рок од три месеци по кампот, секој учесник треба да организира најмалку два состаноци за развигорци и/или извидници во својот матичен одред. Учесниците што успешно ќе ги завршат двата дела ќе добијат сертификат за водач од Сојуз на извидници на Македонија.
Благодарност
Им благодариме на тимот обучувачи за посветената работа, на одредите што ги испратија своите членови и, пред сè, на учесниците за енергијата и желбата да учат.
Честитки на сите 15 идни водачи и среќно со првите состаноци во вашите одреди!

