На 13 и 14 јули 2025 година беше реализирана иницијативата „Clean it!“ – чистење на браната во село Блатец, со цел да се придонесе кон зачувување на животната средина, зголемување на еколошката свест кај младите и промоција на природните убавини на оваа помалку позната локација.
Идејата произлезе од реалната потреба да се реши проблемот со наталожениот отпад во и околу браната, која претставува важен ресурс за рекреација, снабдување со вода и секојдневен живот во локалната заедница.

Како изгледаше акцијата?
Акцијата започна со едукативен вовед, каде што 22 присутни учесници се запознаа со состојбата на езерото, причините за загадувањето и последиците што ги носи нечистата животна средина. Потоа следеше теренска работа – добро организирана и распределена во тимови.
Со употреба на чамец, градинарски алат, јажиња и заштитна опрема (ракавици, маски, вреќи за отпад), младите и жителите на с. Блатец пристапија кон чистење на површината, брегот и потешко достапните делови од браната. Благодарение на нивниот труд и посветеност, беа собрани над 360 килограми мешан отпад, најчесто пластика, стакло и лименки при што беа ше опфатена површина од околу 1.8 декари.

Покрај практичното чистење, акцијата имаше и силна едукативна компонента – учесниците дискутираа за важноста на чистите водни ресурси и добија знаења како секој поединец може да придонесе за одржлива и здрава околина. Иницијативата дополнително ја зајакна свеста за лична и колективна одговорност, но и заедништвото во локалната заедница.
„Беше прекрасно да учествувам во акцијата – научив колку е важно да ја чуваме природата и колку заедничката работа може да направи голема разлика. Се почувствував дел од нешто значајно за нашата заедница.“ – Марија, 18 години
Иницијативата „Clean it!“ – Блатец покажа дека со мала мотивација и соработка меѓу младите и локалните жители, можат да се постигнат големи резултати. Чистата брана денес е сведоштво за моќта на колективната акција и пример за тоа како заедницата може да ја врати природата во својот вистински сјај.
Проектот “Green Skills Rising“ претставува иницијатива која ја спреведува Сојуз на извидници на Македонија, и има за цел да го поттикне развојот на зелени вештини кај младите и да ја зајакне нивната улога во градењето на поодржлива иднина. Проектот е дел од глобалната извидничка платформа Earth Tribe, која се спроведува под водство на Светската организација на извидничкото движење (WOSM).


