По повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците и роденденот на Лорд Роберт Баден-Пауел, централната прослава оваа година се одржа во Кичево, каде што се собраа околу 400 извидници од 10 извиднички одреди од Македонија, како и гости – извидници од Србија.

Прославата започна со свечен марш по главниот булевар во Кичево. Извидниците, наредени по одреди и со своите знамиња испратија силна порака . Маршот заврши со свечено отворање, каде беа упатени пригодни обраќања и беше истакнато значењето на 22 Февруари како ден што ги обединува милионите извидници ширум светот околу истите вредности.

Во текот на денот беа реализирани заеднички активности и едукативни содржини, кои им овозможија на младите да разменат искуства, да создадат нови пријателства и да го продлабочат чувството на припадност кон извидничкото семејство.
Дополнително, во рамки на одбележувањето беше организирана и хуманитарна акција, како и крводарителска акција, преку кои извидниците дадоа конкретен придонес кон заедницата и уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност.

Централната прослава во Кичево беше достоинствено одбележување на Денот на извидниците – ден што не претставува само симболичен датум, туку потсетник дека извидништвото живее преку делата, вредностите и заедништвото на младите луѓе.
