Школа за водачи 2025 успешно реализирана: 7 дена инспирација, учење и заедништво!

Во периодот од 21 до 27 август 2025 година, во прекрасната природа на село Вишни, во извиднички дом на ИПО Крсте Јон, Струга, Сојуз на извидници на Македонија реализираше Школа за водачи 2025 – еден од најзначајните годишни настани за градење на капацитетите на идните водачи во извидничката организација.

Оваа школа претставуваше интензивна едукативна програма, дизајнирана за млади извидници кои сакаат да се вклучат во лидерска улога во своите одреди. Со фокус на лидерски вештини, извиднички метод, тимска работа и практични активности на отворено, ШЗВ 2025 понуди комплетно искуство во духот на извидништвото.


ШЗВ 2025 низ бројки:

  • Вкупно учесници: 18 извидници
  • Одреди вклучени:
    • ИПО „Сидро“ – Скопје (6 учесници)
    • ИО „Еквинокс“ – Штип (3 учесници)
    • Прв Скопски ИО – Скопје (3 учесници)
    • ИПО „Крсте Јон“ – Струга (3 учесници)
    • ИО „Феникс“ – Прилеп (2 учесници)
    • ИО „Методи Митевски – Брицо“ – Скопје (1 учесник)
  • Тим на тренери и обучувачи: 10
  • Канцеларија на СИМ: 4 претставници (логистика и програма)
  • Траење на школата: 7 дена (со целодневна програма)

ПРОГРАМА СО ВИСТИНСКА ВРЕДНОСТ

Школата започна со подигнување на кампот и активности за запознавање, поставување на очекувањата и креирање на патролниот систем. Секој ден вклучуваше утринска гимнастика, едукативни сесии, практични активности, паузи за рефлексија и културно-забавна вечерна програма.

Темите кои беа опфатени:

  • Извидништво на национално и глобално ниво (СИМ и WOSM)
  • Структура на СИМ, одреди, категории на членство
  • Извиднички метод, униформираност и вредности
  • Планирање и водење на патролни состаноци
  • Безбедност во извидништвото (Safe From Harm)
  • Комуникациски и лидерски вештини
  • Ориентација во природа, огништа, кампување, готвење
  • Дигитални алатки и водење евиденција
  • Активности по возрасни категории и духовност

Особено значаен момент беше хајкот до с. Горна Белица, каде учесниците преку тимски предизвици ја применија стекнатата теорија на терен, во реални услови.


ШКОЛАТА НЕ ЗАВРШУВА ТУКА

Ова беше првиот дел од Школата за водачи. Учесниците продолжуваат со вториот дел, кој е фокусиран на практична примена на знаењата во своите матични одреди. Во период од најмногу три месеци по завршувањето на првиот дел, секој учесник ќе треба да реализира најмалку два состаноци со категорија развигорци и/или извидници во својот одред. Целта е да се покаже способност за планирање, водење и применување на извидничкиот метод во пракса.

По успешно завршениот и втор дел, секој учесник ќе добие официјален сертификат за водач од Сојуз на извидници на Македонија.

УСЛОВИ И ПРЕДИЗВИЦИ

Настанот се одвиваше во природно изолирана локација, што овозможи учесниците целосно да се фокусираат на програмата, без влијание од надворешни дразби – нешто што во претходни школи беше препознаено како предизвик. Локацијата располагаше и со тврд објект и простор за кампување, што овозможи флексибилна и безбедна реализација на активностите.

Иако времето беше променливо со врнежи од дожд во одредени денови, активностите беа успешно реализирани без значајни одложувања, благодарение на претходно подготвените алтернативни сценарија.


БЛАГОДАРНОСТ

Голема благодарност до сите учесници, тренери, членови на канцеларијата на СИМ и поддржувачи на школата кои овозможија реализација на оваа важна едулативна активност.


📸 ГАЛЕРИЈА

📷 Погледнете дел од атмосферата на следниот линк:
🔗 Фото и видео галерија – Google Drive

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *