Кај познатата природна и културна локација „Мирјанина Црква“ се реализираше иницијатива за еколошко чистење која обедини голем број волонтери и организации со заедничка цел – создавање почиста и поздрава околина.
На настанот учествуваа повеќе од 120 волонтери од Штип, Велес, Скопје, Куманово, па дури и од Колумбија и Чешка, што ја направи иницијативата вистински интернационална. Покрај нив, се вклучија и 5 организации со свои претставници, како и Јавното претпријатие, кое се погрижи за собирање и соодветно одложување на отпадот.

Со здружени сили беа собрани повеќе од 300 вреќи отпад, што претставува над 2.500 килограми мешан отпад (пластика, хартија, лименки, стакло, метал, но и остатоци од коли, лешови, шут и многу друго). Дополнително, по завршувањето на официјалниот дел и чистењето, волонтерите имаа можност да се дружат и уживаат во акустична забава и маалски игри кои ја одржаа позитивната атмосфера до самиот крај.
Иницијативата не само што го подобри изгледот на просторот, туку имаше и силна едукативна и мобилизирачка улога. Преку заедничка работа, младите, организациите и локалната заедница испратија јасна порака дека грижата за природата е заедничка одговорност.

Овој пример покажа дека преку солидарност и соработка можат да се постигнат видливи резултати и да се создаде инспирација за тоа како секој од нас може да придонесе за почиста и поздрава животна средина – за сегашните и идните генерации.
Проектот “Green Skills Rising“ претставува иницијатива која ја спреведува Сојуз на извидници на Македонија, и има за цел да го поттикне развојот на зелени вештини кај младите и да ја зајакне нивната улога во градењето на поодржлива иднина. Проектот е дел од глобалната извидничка платформа Earth Tribe, која се спроведува под водство на Светската организација на извидничкото движење (WOSM).


