Ретроспектива на извидничко лето 2024

Извидничкото лето 2024 беше исполнето со авантури, учење и незаборавни искуства за нашите извидници. Од учество на летни кампови до организирање на акции за заедницата, извидниците имаа можност да се издигнат како лидери и тимски играчи. Покрај секојдневните активности, тие стекнаа нови вештини, создадоа силни пријателства и се соочија со предизвици кои ги збогатија и како поединци и како група. Ова лето беше време на раст, забава и споделување, оставајќи трајни спомени за сите учесници.

Камп јуни 2024 – Борба против климатски промени и заштита на животната средина со фокус на еден од Еразмус+ приоритетите – Зелена агенда и одржливост

Во периодот од 13ти до 16ти јуни се одржа кампот Борба против климатски промени и заштита на животната средина со фокус на еден од Еразмус+ приоритетите – Зелена агенда и одржливост во Извиднички Центар Охрид. Кампот беше организиран од страна на Сојуз на извидници на Македонија и Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. На овој камп присуствуваа 50 млади од македонските извиднички одреди каде што имаа можност да учествуваат на активности посветени на биодиверзитет од Македонското Еколошко Друштво – МЕД, активности за вмрежување и тимска работа и обиколка на охридското езеро од македонската и албанската страна со чистење на отпадот и поставување на еко информативни табли на 4 мапирани клучни локации.

24та Вардарска регата

Извидниците од Извиднички Одред Димитар Влахов ја организираа и одржаа овогодинешната 24та по ред – Вардарска регата. Учесниците на оваа регата пловеа по реката Вардар со почеток од Велес до Солун 6 дена. Регатата започна на 20 јуни, а учесниците пристигнаа во Солун на 25 јуни. Импресиите на извидниците се дека е доста различна ситуацијата со реката Вардар од грчката страна односно не било сретнато ниту едно пластично шише или било каков отпад во неа – таа била максимално еколошки заштитена, без отпадна индустриска вода насочена кон неа.

„Choose your own adventure“ – Младинска извидничка размена

Извидниците од Прв Скопски Извиднички Одред организираа две младински размени и тоа извидничка размена „Choose your own adventure“ и извидничка размена „Messengers of Peace“:

Извидниците од Прв Скопски извдинички одред организираа младинска размена во периодот од 4 јули до 8 јули во Извиднички дом “Чичко Боро” – Мала река и Планинарски дом „Караџица“ со името  “Choose your own adventure” на која учествуваа 15 извидници од Македонија и 15 од Белгија.  Oваа размена беше организирана од страна на ПСИО со тема Intercultural learning through life in nature. Целта на оваа размена беше да се подигне свеста за меѓукултурниот дијалог и неговото пренесување преку живеење во заеднички камп и користење на сите расположливи ресурси за природата. Оваа размена ја спроведуваа Прв Скопски Извиднички Одред и Scouts en Gidsen Juventa Zonhoven.

Едукативен Еразмус+ камп „Одржливост и заштита на животната средина“

Извидниците од Извиднички Одред Мирко Милески Кичево организираа едукативен Еразмус+ камп во периодот од 10 јули до 16 јули со тема “Одржливост и заштита на животната средина ” заедно со извидници од Белгија. Најголемиот дел од активностите и работилниците беа фокусирани кон начини на кои секој поединец може да придонесе, да ја заштити, сака и негува природата. Македонските извидници и извидниците од Белгија го завршија овој камп со подигната свест за екологијата како многу битен сегмент, зголемена љубов кон планините и животната средина, многу дружба и споделени искуства.

Извидничка размена – ИПО Крсте Јон Струга

Извидниците од Извидничко Поречански Одред Крсте Јон Струга организираа и одржаа младинска размена со извидници од Белгија во периодот од 17 до 22 јули во извидничкиот центар Струга – Camping Scout. На размената 35 млади учесници имаа можност да учествуваат во активности на тема вмрежување, тимска работа, споделување на извиднички искуства.

Летен Камп 2024 – Летни Симски Олимписки игри

Летен Камп 2024 – Во периодот од 1 јули до 7 јули во Извиднички Центар Охрид се одржаа Летните Симски Олимписки игри во организиција на Сојуз на извидници на Македонија со учество на 139 извидници од 10 различни извиднички одреди и тоа од Извдинички одред Методи Митевски Брицо Скопје, Извиднички одред Браќа Миладиновци Скопје, Прв Скопски Извиднички одред, Извиднички поречански одред Галеб Скопје, Извидничко поречански одред Сидро Скопје, Извиднички одред Еквинокс Штип, Извдинички одред Скаут Куманово, Извиднички одред Скаут Пелистер Битола, Извиднички одред Феникс Прилеп и Извиднички одред Ластовица Кочани. На кампот активно учество земаа 27 волонтери со чија помош успешно се спроведе програмата која сочинуваше натпреварувачки игри, водени активности, посета на градот Охрид, Боренка и Earth Tribe, вечерна културна забавна програма и извиднички вештарства.

Трета Смотра на Сојуз на извидници на Федерација на Босна и Херцеговина

Третата Смотра на извидници на федерација на Босна и Херцеговина се одржа во периодот од 15 до 22 јули на Борачко Езеро. 23 македонски извидници од Извидничко Поречански одред Галеб, Прв Скопски Извиднички Одред и Извдинички Одред Димитар Влахов Велес земаа учество во оваа смотра. Учесниците ја имаа можноста да учествуваат во натпреварување за извиднички дисциплини, посета на Бункерот на Тито, посета на музејот во Коњиц, посета на Спомен куќата НА Зулификар Зука Џухмур, посета на адреналинскиот парк, рафтинг на реката Неретва и 7 дена запознавање и дружење со другите извидници ширум Балканот

Roverway 2024 

Ровервеј 2024 – Roverway 2024 беше настан кој се одржа од 22 јули до 2 август наменет за ровери извидници од цела Европа. Овогодинешниот Ровервеј се одржа во Ставангер. Учество на овој настан земаа нашите извидници Виктор Гилев од Прв Скопски Извиднички Одред и Ина Михајлоска од Извидничко Поречански Одред Галеб како водачи на патека/path leaders на патеката SØ09 во Кристијансенд. Оваа патека е една од трите патеките на WOSM каде што главниот фокус на активностите беа поврзани со одржливост и Earth Tribe.

Патокоз за подобар свет 

Во период од 04-10 Август 19 извидници од 7 одреди присуствуваа на извидничка размена која се одржа во Ловинац, Хрватска. За време на целиот настан учесниците има прилика да бидат дел од голем број едукативни работилници со цел зајакнување на вештините за живот, усвојување нови навики, развивање комуникациски вештини, тимска работа, лидерство и решавање проблеми. Покрај едукативни работилници, имаа можност да искусат нови и различни искуства на отворени програмски области за кампување, преживување, навигација, спасување, планинарење и други.

43та Светска Извидничка Конференција 2024 – EGYPT 2024

43та Светска Извидничка Конференција 2024 се одржа во Каиро, Египет од 17 до 23 август. Домаќин на конференцијата беше Египетската федерација за извидници и водичи со учество на над 2.000 учесници од 176 земји. Оваа конференција означи  значаен момент за Светската организација на извидничкото движење (WOSM), што е првиот настан на глобално ниво од 2017 година. Конференцијата се фокусираше на поставување стратешки насоки за иднината на извидништвото, вклучително и усвојување на нова визија и долгорочна стратегија. Делегатите разговараа за прашањата со кои се соочуваат младите луѓе ширум светот, вклучително и одржливоста и глобалните предизвици. Клучен момент за сите нас кој беше прославен за време на настанот беше растот на членството на извидништвото кое достигна рекордни 57 милиони.

Летo во во Ловинац

Лето во Ловинац – волонтерски настан кој се одржа во Ловинац, Хрватска од 18 Август до 1 Септември на кој присуствуваа нашите ровери Бојан Андонов, Никола Ташков, Александар Трајчев и Филип Марковски. Настанот беше исполнет со различни волонтерски активности за локалната заедница и во извиднички кампови, развивање комуникациски вештини, тимска работа и решавање проблеми и стекнување нови искуства – кампувања, ориентација, планинарење и др.

Младинска размена „Messengers of peace“ – Scouts united

Извидниците од Прв Скопски извдинички одред организираа младинска размена во периодот од 20 до 24 август во Извиднички центар Охрид со името  „Messenger of peace“. Овој настан беше организиран од Прв Скопски Извиднички Одред како дел од проектот „SCOUTS UNITED – Learn it, Do it, Scout it. На оваа извидничка размена учествуваа вкупно 32 извидници од западниот регион на Балканот – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.Размената беше спроведена со учење на нови неформални методи кои исто така ги подготви учесниците да организираат мали работилници за градење мир во нивните заедници. Темите на оваа размена вклучуваа: активности за градење на интеркултурни тимови и групи, решавање конфликти, комуникација, младински активизам и подготовка за претстојните работилници кои се дел од истиот проект. Оваа размена беше поддржана од “Western Balkan Fund“. 

Летен камп за деца од Украина

Летен камп со деца од Украина беше камп одржан во периодот од 19 август до 1 септември во Извиднички Центар Охрид. Кампот беше во организација на Сојуз на извидници на Македонија и Украинската амбасада во РС Македонија со финансиска поддршка од Американската амбасада во РС Македонија. Кампот беше исполнет со разновидни активности за децата од Украина и тоа – еколошко едукативни активности од Национален Парк Галичица, патување со брод на Охридското езеро, arts & crafts, извиднички вештини, претставување на Боренка, Earth Tribe и Scouts go solar, Јас имам талент, водени игри, спортски игри, маскенбал, Mission impossible во градот Охрид и други забавни активности.

Летен камп „Плавото во Трибрид“

Извидниците од Извиднички Одред Феникс Прилеп организираа и одржаа летен камп „Плавото во Трибрид“ од 23 до 25 август во близина на Прилепското Езеро. Тука извидниците имаа можност да се забавуваат до разни забавни игри и да научат нови вештини како палење логорски оган и готвење. Деновите од кампот беа исполнети со забавни активности како кино под ѕвездите, водени натпреварувачки игри, натпревар за готвење и печење лебче на стапчина на логорски оган. Извидниците се вратија од кампот среќни и задоволни.

Шеста меѓународна туристичка регата Сава наутик во Брчко

Извидници од Извидничкиот Одред Димитар Влахов Велес – Ангелче Гушев и Владимир Ивановски учествуваа во шестата меѓународна туристичка регата Сава наутик во Брчко Регатата се одржа во периодот од 23ти до 24ти август во организација на ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрикт – Босна и Херцеговина. На истава регата учество земаа и рафтери и регатчии од Србија – Ариље, Белград, Панчево, Стара Пазоца, Бановичи, Шабац и Мачванска Митровица; Босна и Херцеговина – Приједор, Жепче, Тузла, Бјелина и Брчко; и од Хрватска – Рајево село и Гуња. На оваа меѓународна регата се возеше на релзција Лука Брчко – Српска варош – Вучиловац. 

Школа за водачи 2024

Школа за водачи 2024 – Во организација на Сојуз на извидници на Македонија во периодот од 25 до 31 август се одржа овогодинешната школа за водачи 2024. Школата се одржа во Извиднички Центар Охрид со присуство на 19 извидници од 9 извиднички одред и тоа Извидничко Поречански Одред Јадран Скопје, Извиднички Одред Скаут Куманово, Извидничко Поречански Одред Галеб Скопје, Прв Скопски Извиднички Одред, Извиднички Одред Феникс Прилеп, Извиднички Одред Еквинокс Штип, Извиднички Одред Браќа Миладиновци Скопје и Извиднички Одред Скаут Пелистер Битола. Овие 7 дена нашите млади се едуцира на темите Извидништво и почетоците на движењето; структура на СИМ и извидничките одреди; раст на организација; основи на ориентација; Извидничкиот метод; креирање на годишна програма за развигорци и извидници; карактеристики и улога на водачот; безбедност за активности одржани во просторија и надвор во природа; комуникациски вештини; програма и вештарства преку примена на методот; Прва Помош и Заштита; и Духовност. Тренери кои помогнаа во спроведувањето на оваа школа за водачи беа Душан Дуле Џорџевич и Милена Пецарски од Сојуз на извидници на Србија, Радован Милковски и Никола Спасовски од Извиднички Одред Скаут Куманово, Дино Релушкоски од Извиднички Одред Прилеп, Светлана Лукановска и Елисавета Лукановска од Извиднички Одред Методи Митевски Брицо, Бобан Стојановски од Извдинички Одред Мирко Милески, Дарко Тошиќ од Извиднички Одред Еквинокс Штип и Снежана Јанковиќ – Генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *